Мак-баскет 2025: „Штрковите“ од Аеродром – тим без конкуренција

Кошаркарска 2025 година не донесе промени на домашната сцена. Видовме старо-нов шампион, тоа беше МЗТ Скопје, кој предводен од тренерот Васко Атанасов успеа да стави нов печат во клупската историја.

„Штрковите“ од Аеродром уште еднаш покажаа дека се тим без конкуренција. Беа лидери во поголемиот дел од сезоната, во доигрувањето влегоа од пол-позицијата и потоа без пораз во доигрувањето, дојдоа до мечот за тронот. Таму предизвикувач беше ТФТ Скопје, кој предводен од тренерот Боро Смилковски го имаше своето прво финале во историјата.

Иако „грабнаа“ една победа и станаа втор тим кој го победил МЗТ во финалињата по Работнички, сепак, таа се покажа како недоволна за тафталиџани да донесат втора титула во своите витрини по оној освоен Куп на Македонија од пред некоја година. МЗТ ја продолжи легендата за најдобар тим во мак-баскетот, а само еднаш во последните 14 години, сино-белите ја загубија титулата, тоа беше кога победи Работнички во 2019 година. Слично беше и во Купот на Македонија, каде МЗТ во финалето го надигра Кожув. Во Купот, МЗТ дојде до бројката од 13 трофеи, додека во Суперлигата, тимот има 12 одличја, три помалку од најтрофејниот Работнички.

Годината ќе остане запаметена и по уникатниот учинок на Дамјан Стојановски. Иконата на МЗТ Скопје дојде до „дабл-дабл“ титули на домашната сцена, нема човек кој може да се пофали со таков учинок. Воедно, семејството Стојановски ја продолжи традицијата да освојува титули во мак-баскетот, чии членови се уште Војдан Стојановски кој игра за МЗТ, како и Огнен Стојановски кој моментално е во спортска пензија.

И оваа сезона МЗТ важи за прв фаворит за тронот. Предизвикувачи се ТФТ Скопје и Пелистер од горниот дел. Доколку МЗТ освои титула и во сезоната 2025/26, тогаш Дамјан Стојановски ќе стане најтрофеен играч во шампионатот. Моментално го дели првото место со неговиот брат Огнен Стојановски, двајцата имаат по десет титули во Суперлигата.

Околу останатите тимови, ТФТ Скопје пријатно изненади со настапот во финалето и така обезбеди место во АБА-2 лигата. Црно-белите од Тафталиџе, кои се лидери на крајот на оваа календарска година во Суперлигата, имаат и добар скор оваа сезона надвор од границите, па се сериозни кандидати за место во плеј-офот на второто јадранско натпреварување. Пелистер, пак, се проба во меѓународни рамки, настапи во Лигата на шампионите на ФИБА, ама испадна во квалификациите, па се пресели во Европа Купот на ФИБА, каде во групната фаза дојде до една победа и сега е фокусиран само на домашните обврски.

Работнички никако да ги реши оние старо-нови проблеми кои се јавуват секоја година, тоа се финансиите и стабилниот играчки кадар. Центарци почнаа да победуваат, ама главните играчи кај странците си заминаа и си најдоа нови клубови. Тренерот Владимир Мирковски има сериозен хендикеп во ростерот. Се чека и доизградбата на новата сала. Позитивно нешто е обезбедената завршница во Купот на Македонија, но нејасна е иднината на нашиот најтрофеен колектив кој почна амбициозно, но резултатската криза го турна во долниот дел на табелата.

Како најпријатно изнендување може да се издвои дебитантот во елитата, тоа е тимот на Маџари, кој по 11 одиграни кола има шест победи, а во оние пет порази, ги намачи најдобрите екипи на домашната сцена затоа што тесно загуби од МЗТ Скопје, од Пелистер, од Куманово, од ТФТ... Тимот за првпат се пласира и на завршницата „Ф8“ во Купот на Македонија.