Магијата на Дончиќ пак на дело за Лејкерс, историја на Вембањама и Канингем!

Возбудлива и содржајна НБА вечер зад себе остави низа спектакуларни натпревари, лични рекорди и драматични завршници што уште еднаш ја потврдија непредвидливоста на сезоната. Во центарот на вниманието беа Лука Дончиќ, Виктор Вембањама и Грејсон Ален, додека Детроит продолжи со серијата победи, а Клипeрс повторно разочараа на домашен терен.

ЛА Лејкерс забележаа значајна победа на гостински терен против Шарлот со 121-111. Иако Хорнетс настапија без повредениот Ламело Бол, тимот на домаќините покажа карактер, предводен од одличниот Мајлс Бриџис кој постигна 34 поени и седум тројки. Младиот Кон Кнапел, дебитант од универзитетот Дјук, блескаше со 19 поени, 10 скокови и 9 асистенции, за малку да стигне до својот прв трипл-дабл во кариерата. Лејкерс ја презедоа контролата во второто полувреме, кога Дончиќ го презеде водството со 38 поени, 6 скокови и 7 асистенции со извонредна ефикасност од 50% реализација. Поддршка му дадоа Остин Ривс со 24 поени и Руи Хачимура, кој погоди три тројки во клучните моменти и заврши со 21 поен.

Детроит продолжува да ја гради својата форма со седмата последователна победа, откако по продолжение го совлада Вашингтон со 137-135. Кајд Канингем одигра натпревар од соништата – 46 поени, 12 скокови, 11 асистенции и дури пет украдени топки и стана првиот играч со ваков скор по повеќе од пет децении. Дејнис Џенкинс погоди тројка за продолжение и заврши со 24 поени, покажувајќи дека може да биде вистинско откритие за Пистонс. Кај гостите Си Џеј Меколум постигна 42 поени, но не успеа да го донесе тимот до победа. Вашингтон е во очајна форма со само една победа и десет порази.

Во Орландо, домашниот Меџик го совлада Портланд со 115-112 благодарение на шутот со сирената на Дезмонд Бејн. Бејн, кој неодамна пристигна од Мемфис, запиша 22 поени и 7 асистенции, додека Паоло Банкеро беше најдобар со 28 поени и 9 скокови. Кај гостите, Шедон Шарп реализираше 31 поен, а Дени Авдија се истакна со 27, но тоа не беше доволно да се избегне нов пораз.

Најдраматичниот натпревар вечерта се одигра во Мајами, каде што Хит по продолжение го совлада Кливленд со 140-138. Клучниот момент се случи во последната секунда кога младиот Никола Јовиќ асистираше на Ендрју Вигинс, кој со атрактивно забивање го реши натпреварот. Најефикасен беше Норман Пауел со 33 поени, додека Хакез Џуниор внесе огромна енергија од клупата – 22 поени, 13 скокови и 7 асистенции. Кај Кавалирс, Донован Мичел беше најдобар со 28 поени, 15 скокови и 8 асистенции.

Феноменален настап забележа и францускиот феномен Виктор Вембањама, кој во победата на Сан Антонио над Чикаго со 121-117 испиша нова страница во НБА историјата. Тој постигна 38 поени, 12 скокови, 5 асистенции и 5 блокади, погодувајќи шест тројки. Вембањама стана првиот играч во историјата со повеќе од 35 поени, 10 скокови, 5 асистенции, 5 блокади и 5 тројки на еден натпревар. Кај Булс, Никола Вучевиќ запиша 11 поени и 8 скокови, но не успеа да го пронајде шутерскиот ритам.

Во Далас, Милвоки успеа да се избори за тесна победа со 116-114. Јанис Адетокумбо го презеде водството во последната четвртина и заврши со 30 поени, додека Кајл Кузма беше клучен со забивање во последните секунди. Новајлијата Купер Флег одигра уште еден зрел натпревар со 26 поени, додека навивачите на Маверикс повторно со негодување го испратија генералниот менаџер Харисон поради контроверзните потези во последниот период.

Во Аризона, Феникс ја продолжи својата добра серија, убедливо победувајќи го Њу Орлеанс со 121-98. Главната приказна беше Грејсон Ален, кој постави нов клупски рекорд со десет погодени тројки и натпревар заврши со 42 поени. Девин Букер додаде 19, а заздравениот Дилон Брукс 18 поени. Со овој триумф Санс ја забележа петтата победа во последните шест натпревари и првпат оваа сезона има позитивен скор.

Минесота ја совлада Јута со 120-113, повторувајќи ја победата од пред неколку дена. Ентони Едвардс блескаше со 35 поени и 6 асистенции, Џулиус Рендл додаде 27, а Руди Гобер запиша сигурен „дабл-дабл“ со 14 поени и 12 скокови. Тимбервулвс го потврдуваат статусот на едни од најконзистентните тимови на Западот.

Атланта приреди изненадување во Лос Анџелес, совладувајќи ги Клиперс со 105-102. Најзаслужен за успехот беше чешкиот бек Вит Крејчи, кој блесна со 28 поени, додека Кристапс Порзингис придонесе со 20. Џејмс Харден повторно беше најдобар кај Клиперс со трипл-дабл – 35 поени, 19 скокови и 11 асистенции, но и тоа не беше доволно да се избегне петтиот последователен пораз. Тимот настапи без Кавај Ленард и Бредли Бил, а Богдан Богдановиќ не доби минута на паркетот.