Магично финале за „армејците“, ЦСКА по осми пат е европски првак во кошарка!

Рускиот кошаркарски гигант ЦСКА Москва по осми пат е европски првак, откако со водство во текот на сите 40 минути го совлада Анадолу Ефес со 91-83. Финалето во „Буеса Арена“ во Виторија го следеа скоро 12.000 гледачи и видоа отворен и ефикасен завршен натпревар. 

Финалето започна фуриозно, практично без одбрани, а во таквата игра подобро се снајдоа Русите. Започнаа да погодуваат крилата, тројки впишаа Хигинс и Хакет и во осмата минута Атаман побара минута одмор при 17-24. „Армејците“ благодарение на шутот првиот квартал го завршија со +9.

Итудис од клупата ги внесе Родригез и Хајнс и разликата се зголеми на 20-34 во 13. минута. Турците почнаа да играат поорганизирано во одбрана и Ларкин и Симон со серија 8-2 спуштија на -7 во 17. минута. Вториот квартал заврши со тројка на Мициќ и три слободни фрлања на Ларкин за само 42-44 на полувреме.  

На почетокот од третиот период Василије Мициќ погоди тројка за водство на Турците. Сепак, Кори Хигинс беше незадржлив и со две тројки во централната фаза на третиот период ја врати двоцифрената предност (52-63). Отело Хантер погоди со положување за вторпат највисоки +14 пред крајот на третата четвртина. Реагираа „пиварите“ и со серија 8-0, вклучувајќи ја и тројката на Ларкин со сирената, намалија на 62-68 пред последната четвртина. 

И покрај тоа што не го повторија полуфиналниот дуел Турците не се предаваа. Ларкин и Данстон со ефектни поени намалија на 69-73 на седум минути до крајот. Хајнс и Де Коло брзо вратија за +9 и тајм-аут на Атаман.  

Кошаркарите на Анадолу Ефес се обидоа со пресинг, но не ги послужи шутот и „армејците“ без треперење го приведоа натпреварот кон крај со победа од 83-91. 

  • Извештај од натпреварот: 

Најефикасни кај ЦСКА Москва беа Хигинс со 20 и Клибурн со 19 поени, а кај Анадолу Ефес се истакна Шејн Ларкин со 29 поени. Во малото финале кое беше предигра за големиот спектакл победа од 94-75 извојува ланскиот шампион Реал Мадрид над тимот на Фенербахче.