„Магична“ партија на Дончиќ, Словенија ја шокира Италија и ќе игра четвртфинале! 

Кошаркарската селекција на Словенија ги продолжува настапите на Евробаскетот, откако приреди изненадување против Италија во претпоследното денешно осминафинале од континенталниот собир. Натпреварот во Рига донесе многу возбудувања, особено во самата завршница, во која Словенија остана посмирена и накрај заслужено победи со 77-84.

Првата ѕвезда на Словенија, Лука Дончиќ, одигра неверојатна прва четвртина. Асот на Лос Анџелес Лејкерс беше незадржлив за Италијанците и во првите десет минути постигна неверојатни 22 поени, со четири скока, а Словенија поведе со огромни 11-29. Но, на првата мала пауза Дончиќ замина во соблекувалната и не ја стартуваше втората четвртина. Наводно, добил удар во бутниот мускул и му била пружена медицинска помош.

И покрај непосакуваниот проблем, Дончиќ продолжи во свој стил и по влегувањето во игра и понатаму го „полнеше“ противничкиот кош. Но, Италија далеку се подобри во фазата на напад и до полувреме успеа да намали на десет поени негатива (40-50). Дончиќ на полувреме замина со триесет постигнати поени. 

На паузата Италијанците како да го најдоа лекот за словенечката ѕвезда. Дончиќ во третиот квартал беше доста „тивок“, но не и неговите соиграчи, кои се разиграа во прав момент и Словенија во последните десет минути влезе со високи +16 (56-72).

Италијанците својата најдобра кошарка ја одиграа во четвртата четвртина. Одбраната беше на највисоко ниво, нападот комплетно разигран, а тоа донесе брзо топење на негативата. Во последните две минути се влезе со предност на Словенците од само три поени (75-78), што беше најава за супер-возбудлива завршница. Сепак, мирната рака на Дончиќ беше одлучувачка и Словенија се пласира во четвртфиналето на Евробаскетот. 

Ѕвездата на Лос Анџелес Лејкерс беше на работ да го сруши личниот рекорд на Европските првенства со 47 поени. Вечерва беше за пет поени пократок (42), а додаде уште десет скока и една асистенција. За Италија најдобар беше Симоне Фонтекио со 22 поени. Словенија во четвртфиналето ќе се сретне со светскиот шампион Германија.