Маџари направи брејк кај ТФТ и е на чекор до големото финале!

Кошаркарите на Маџари го изненадија ТФТ Скопје и славеа со 82-84 во првото полуфинале од Суперлигата на Македонија. Историската сезона на тимот кој го предводи Миодраг Тодоровиќ продолжува како од соништата, бидејќи се на победа од пласман во големото финале, а шанса за такво нешто ќе имаат на домашен паркет.

  • Комплетниот натпревар меѓу ТФТ и Маџари:

Стартот на средбата во „Градски парк“ беше израмнета, екипите се менуваа во водството, а првата четвртина заврши со 16-19 за гостите. Маџари до полувремето во два наврати имаше и „плус девет“, ама следуваше пад и до паузата ТФТ се врати до 35-35.

Третиот период му припадна на тимот на Боро Смилковски, бидејќи имаше и највисоко водство од 50-42. Сепак, во клучната четврта четвртина ТФТ падна и тоа Маџари знаеше да го казни. Во завршницата гостинската екипа влезе со водство од 62-73, меѓутоа до крајот на средбата ТФТ успеа да направи серија од 11-0 и со тоа избори продолжение.

Доигрувањето беше целосно израмнето, а екипите се менуваа во водството. Драмата кулминираше во последната минута од првото продолжение, бидејќи Ташовски двапати имаше обид да го сврти резултатот. Прво македонскиот репрезентативец беше блокиран, а потоа и сам погреши. Во следната акција Маџари извлече слободни фрлања од кои Димчевски го реализира првото, а потоа неговиот тим украде топка и следуваше големо славје.

Најефикасен играч на мечот беше Говенс од ТФТ со 28 поени зад своето име, додека кај Маџари се истакнаа Грин со 19, Луис со 18 и Армстронг со 17 поени. Вториот меч кој се игра на теренот на Маџари е закажан за следниот понеделник.