Маџари го освои Охрид, Ангели славеше на гостувањето во Велес

Во дуелот кој го одбележа првото коло, Маџари го победи Охрид (80-76), а Ангели дојде до важна победа над Борец баскет (90-86)

Екипата од Драчево имаше одличен настап на гостувањето во салата „Гемиџии“ во Велес, каде излезе како победник во дуелот со Борец баскет (90-86). Изменетиот состав кој и оваа сезона го предводи Игор Гацов, исполнет со доста млади кошаркари, се одбрани од нападите на доста поискусниот тим, кој оваа сезона го предводи Александар Штерјов.

Поентерски гледано, Балов и Стојанов имаа по 22. реализации, додека пак младиот репрезентативец Најков уфрли уште 20 за екипата на Ангели.   На другата страна на теренот доминираше Штерјов, искусниот крилен центар реализираше 37 поени, но тоа се покажа како недоволно за конечен успех на второлигашот од Велес.

Кошаркарите на Маџари ја стартуваа новата сезона во Втората лига со победа. Во премиерниот натпревар одигран во „Билјанини извори“, го совлада домашниот Охрид со 81-74.

Гостите од Скопје ја добија четвртината со (25-21). Во втората, домаќините направија серија од (10-0) и го свртеа резултатот во своја полза. Го добија охриѓани периодот со (24-15), па на одмор заминаа со пет поени предност (45-40). А имаа еден повеќе по три одиграни четвртини (65-59).

Сепак во последниот период, пресуди искуството на тимот предводен од Миодраг Тодоровиќ. Со многу поагресивна игра во одбраната, Маџари ја „стопи“ негативата. На противникот му дозволија да постигне само девет поени, а на другата страна реализираа 22, за конечни (81-74).

Гостинска победа, и тоа како важна, на почетокот на сезоната запишаа и кошаркарите на Соколи 1933, на нималку лесното гостување кај Бутел со резултат (80-72). Штипјани имаа одлична прва четвртина во која се стекнаа и со клучната прендост. Поведоа со (22-12), разлика која ја задржаа и во оние преостанати три четвртини од играта.

До првиот триумф во новата сезона ги предводеше „повратникот“ во штипската кошарка, Никола Караколев кој реализираше 27 поени, следен од Костадинов кој уфрли 20 и Гоцевски кој имаше уште 11. Во домашната екипа, Андоновски постигна 13, Хот имаше 11, а Ристовски уште десет поени.

Во натпревар во кој беа постигнати повеќе од 200 поени, Црн Дрим го совлада Партизан Водно Санс со резултат (107-99). Камиловски дојде од ефект од 27 поени, Здравковиќ имаше 22, а Ѓоровиќ и Шабани постигнаа по 15 поени за Црн Дрим, додека М.Митев имаше 21, Трипуновски 14, Г. Митев 11, а Димоски 10 за Партизан Водно Санс.

Убедлива победа реализира аи кошаркарите на Мега Баскет, кои на свој терен беа многу подобри од Академија ФМП (86-63).