• Саше Љолес

Екипата на МЗТ Скопје го совлада Маџари со конечни 74-80 во третиот натпревар од финалната серија во Суперлигата, со што му приреди „метла“ на дебитантот во елитата и стигна до тринаесеттата шампионска титула во историјата на мак-баскетот.
- Комплетниот натпревар помеѓу Маџари и МЗТ Скопје:
„Металците“ на Васко Атанасов можеби не одиграа најдобар меч на гостувањето во Маџари, но на крајот покажаа зошто се фаворити во финалето против дебитантот во најсилната конкуренција. Домаќинот солидно го започна мечот, ја доби првата делница со 26-21, но МЗТ возврати во вториот период и замина на паузата со предност од четири поени (42-46).
Бевме сведоци на прилично израмнета трета четвртина (14-16), по која беше јасно дека победникот ќе се одлучува во последните десет минути. Маџари се обиде со сите сили да му ја отежни мисијата на фаворитот, се држеше во пристојна негатива и на стартот од завршниот период, а успеа и комплетно да ја врати неизвесноста кога израмни на 66-66, на пет ипол минути до крајот.
МЗТ малку се разбуди, тројка погоди Дамјан Стојановски, а веднаш потоа два „пенали“ реализираше Душан Танасковиќ, по што следуваше тајм-аут на домашната клупа. Аеродромци поведоа со 68-74, а потоа и со 80-72, резултат од кој Маџари не успеа да се врати, по што можеше да започне славјето кај популарните „Фемили Аеродром“.
Старо-новиот шампион на Македонија на крајот победи со конечни 80-74, а најдобар поединец во составот беше искусниот Војдан Стојановски со 17 поени. Еден поен помалку постигна Душан Танасковиќ, а во редовите на Маџари, одлична партија одигра Амар Хот со 20 поени и 18 скокови.



