Луковиќ погоди луда тројка за победа, Куманово слави по драмата со Работнички!

Кошаркарите на Куманово славеа во дуелот со Работнички (85-83) во деветтото коло на Првата македонска лига. Средбата во Куманово понуди огромна драма и трилер завршница, а апсолутен херој беше ветеранот Урош Луковиќ кој во завршните секунди даде луда тројка.

  • Комплетниот натпревар меѓу Куманово и Работнички:

Домаќинот отвори со 5-0, ама гостинот знаеше да одговори и со серија од 0-9 дојде до предност. Се одржуваше Работнички во позитива до пред крајот на четвртината, а тогаш Куманово дојде до 21-19 на истекот на десетте минути. Во втората четвртина екипите се менуваа во водство, скопјани на момент имаа „плус седум“, ама бргу домашните се вратија до егал. Се играше максимално израмнето и на одмор меѓу полувремињата се замина со 41-42. 

Слично продолжи и вториот дел, почесто водеше Работнички, но домашните се држеа константно близу и на моменти имаа минимална предност. Борбата продолжи и во завршницата. Одново „црвено-белите“ имаа подобар моментим и поведоа со 61-67, ама не знаеја да го искористат тоа.

Стигна Куманово до нов егал (69-69), а потоа и предност на моменти. Се играше поен за поен, кош за кош во завршницата. Работнички со тројка во клучен момент на 29 секунди до крајот дојде на 77-80, а тогаш почна пенал завршницата. Долго траеја последните секунди од мечот, играчите шутираа слободни фрлања. Работнички беше пред победа, Стојан Ѓуровски на три секунди до крај при резултат 82-83 промаши две слободни фрлања. Одбиената топка заврши кај Урош Луковиќ кој погоди луда тројка од половина терен за победа на домашниот тим.

Најефикасен на мечот беше Александар Радукиќ со 31 поен, додека Луковиќ финишира со „дабл-дабл“ од 20 поени и 15 скока. Кај Работнички се истакнаа Дубински со 21 и Капетановиќ со 18 поени.