Лукајиќ: Ѓаѓаа со стаклено шише, тоа е надвор од здрав разум!

Жељко Лукајиќ, стратегот на МЗТ Скопје, е незадоволен од епилогот на „вечното дерби“ и прекинот на дуелот против Работнички во „Градски парк“. Искусниот стратег искажа незадоволство од однесувањето на навивачките групи во салата и истакна дека потегот да се фрла со стаклено шише на теренот е надвор од здрав разум.

„Не очекував вака да се прекине дербито. Сум учествувал на многу дербија, дури и на Црвена Звезда - Партизан, секогаш имало проблеми и испади, но се празнела салата и мечот продолжувал. Тука федерацијата делува по своите правила. Можам да разберам страст, но не разбирам ако некој фрла стаклено шише, како да сака да те убие. Тоа е надвор од здрав разум. Ние не сме непријатели, ние смее само спортски ривали. Заедно пиеме кафе со сите и работиме за македонската кошарка. Градиме нови репрезернтативци. Убаво е да се навива и за Работнички и за МЗТ и за Блокотехна и за било кого. Но, не го разбирам нивото на омраза некого да убиете само затоа што игра за ривалот. Ако соберете сите што играа на овој меч имаат 500 настапи за Македонија. Од тоа сум разочаран. Мора да се подигне новото на организацијата и да се подигне одговорноста кај секого. Стоев и крај мене летна шише. Се криев. До мене беше и делегатот. Никого не оправдувам, им праќам порака и на едните и на другите дека на паркетот се луѓе кои имаат семејства, кои го гледаат овој натпревар. Зошто да расипуваме нешто што е феноменално и што може да го подигне нивото? Зарем ова за децата е пример? Мислам дека сите треба да поработиме да бидеме вистински спортски ривали. Меѓу играчите немаше инциденти, кога се случуваше нешто грубо секој се извинуваше. Не разбирам зошто се случи таков набој, во кој некој може да настрада. Се даде лоша слика, сите го видоа ова на телевизија“, истакна Лукајиќ.

Потоа, стратегот на МЗТ го прокоментира и мечот, како и можноста тимот да се врати од дванаесет поени негатива во последните 13 минути кои ќе се доиграат утре.

„Што се однесува до мечот, имавме проблем и на Купот затоа што немавме решение за „пикот“ на Работнички. Мираковски и Чековски го играат доста добро. Тимот има доста добра енергија и играат агресивно во одбраната. Мора ние да ја подигнеме агресивноста на ниво. Имаме проблеми со повредени играчи, мора да се подобриме. Не знам утре што ќе биде и како ќе се движи мечот, но ќе се обидеме да се вратиме“, заврши предводникот на аеродромци.

Дуелот меѓу Работнички и МЗТ кој е прекинат при резултат 62-50 ќе се доигра утре од 18.00 часот пред празни трибини во салата „Градски парк“.