Лудо дерби во „Градски парк“, Мијатовиќ во последна секунда го расплака Гостивар

Екипата на Работнички ја продолжи победничката серија во Првата кошаркарска лига и како домаќин во „Градски парк“ против незгодниот Гостивар извојува голема победа во самиот финиш (91-90).

Дуелот во „Градски парк“ мина во крајно изедначена игра, а се реши во последната минута кога посреќен беше домаќинот, кој поентира на секунда пред крајот и се радуваше во домот на најтрофејниот колектив. Гостиварчани имаа солидно водство, но го прокоцкаа, па иако беа на прагот на победа, сепак, мора да се помират со пораз во последната секунда.

Пред стартот на последните десет минути на семафорот стоеше 68-67 за домашните, а до првата поосетна предност дојдоа гостиварци кога од 70-70, Димчевски и Доналдсон почнаа серија, која потоа ја продолжи и Џелетовиќ, за позитива од 70-79. 

Тоа беше знак за Мираковски да повика тајм-аут, кој донесе далеку подобра игра во одбраната и лесни поени во нападот. Двејн, Мијатовиќ и Лесколт ги вратија центарци во игра на овој меч на три минути пред крајот (80-81), Неизвесноста траеше и во последната минута (87-88), на 25 секунди пред крајот, Двејн реализира две слободни за Работнички (89-88), а во последниот напад за Гостивар, иако Димитриевски промаши за три, Доналдсон изведе офанзивен скок и на секунда пред крајот погоди за предност.

Многумина сметаа дека нема време, но Мираковски повика тајм-аут и го изведе невозможното - Мијатовиќ постигна кош со звукот на сирената, за голема победа на центарци.

Најдобар поентер во победата беше Лесколт со 25 поени, додека Данило Мијатовиќ заврши со 17 поени, а поддршка му беше Двејн со 16 поени. Кај Гостивар, Доналдсон имаше „дабл-дабл“ од 21 поен и 10 скока, а Џелетовиќ и Тасовски дадоа по 14 поени.