Лудница во НБА-финалето: Шоу на Шеј, Оклахома до брејк

Кошаркарите на Оклахома Сити Тандер успеаја да го вратат брејкот и да слават на гостински терен во Индијанаполис, совладувајќи ги Индијана Пејсерс со резултат 111-104.

Со оваа победа избраниците на Марк Дејно го израмнија резултатот во серијата на 2-2 и сега со голема самодоверба го очекуваат следниот дуел на свој терен. Исто како и во втората рунда на Западот против Денвер Нагетс, Оклахома успеа да направи брејк кога тоа беше најпотребно, односно кога противникот имаше шанса да поведе со 3-1 на домашен терен.

Најголеми заслуги за пресвртот му припаѓаат на Шеј Гилџес-Александер, кој во последните четири минути постигна дури 15 од последните 16 поени на својот тим. Гилџес-Александер натпреварот го заврши со 35 поени (11/20 за два, 1/4 за три, 10/10 од линијата за слободни фрлања), три скока, три украдени топки и една блокада.

Покрај него, значаен придонес даде и Џејлен Вилијамс со 27 поени и седум скока, додека Алекс Карузо блескаше со 20 поени. Најефикасен кај Индијана беше Паскал Сиакам со 20 поени, осум скока, пет асистенции и пет украдени топки. Тајрис Халибартон забележа 18 поени и седум асистенции.

Серијата сега се сели во Оклахома, каде Тандерси пред својата публика ќе се обиде да дојдат чекор поблиску до титулата. Петтиот натпревар е закажан во ноќта меѓу понеделник и вторник од 2:30 часот по средноевропско време.

ФОТО: OKC THUNDER / Twitter