Лучиќ херојски му донесе на Баерн петти меч со „манекените“

Баерн Минхен беше „прежален“, но тимот одигра фантастична последна минута, па дојде до победа над Милано (85-82) со која се избори за петти натпревар, односно „мајсторка“ за место на Ф4-турнирот во Евролигата.

Германскиот бундеслигаш на 60 секунди пред крајот губеше со 80-82, но потоа на сцена стапи српскиот репрезентативец Владимир Лучиќ, кој ги постигна последните пет поени за домашниот тим предводен од тренерот Тринкери.

На помалку од дваесетина секунди до финишот, тој постигна „двојка“ под фаул, па реализира слободно фрлање за пресврт (83-82), а потоа, откако Шилдс загуби топка, Лучиќ изнуди два „пенали“ и ја потврди победата на Баерн. Последните осум секунди беа за Милано, ама Дилејни промаши тројка за продолженија.

Најдобар кај „баварците“ беше Болдвин со 18 поени, Ципсер постигна 16, а јунакот Лучиќ имаше 12 поени, додека кај Милано, не помогна добрата партија на Дилејни со 28 поени. Последниот натпревар од серијата се игра во Италија на 4 мај.