ЛОИ ја натераа ФИБА да размислува за одложување на Евробаскетот

Вирусот ковид-19 направи огромен хаос како низ целиот свет, така во спортскиот. Бројните одложувања, прекинати првенства и натпревари веќе го пренатрупаа распоредот до крајот на оваа година. 

Преместувањето на Европското првенство во фудбал и Олимписките игри за идното лето веќе направија проблеми со закажаните настани за 2021 година. Кошаркарскиот медиум „Спортандо“ пишува дека извори од ФИБА потврдиле дека ќе се консултираат за можно одложување на Евробаскетот закажан за следната година. 

„Сега кога Олимписките игри се преместени за следната година, ќе разговараме со засегнатите страни да видиме како ќе постапиме. Ситуацијата е сложена и ќе мора да се најдат датуми кои одговараат“, стои во пораката на ФИБА.

Организатори на првенството ќе бидат Германија, Италија, Грузија и Чешка, но останува да видиме дали ќе започне според првичниот план. 

Македонија квалификациите за континенталниот шампионат ги отвори со два порази против Естонија дома од 72-81 и кај Русија од 77-67. Следниот циклус натпревари ќе се одигра во ноември, кога нашата селекција гостува кај Италија и Естонија.