• Саше Љолес
Во новата сезона на Евролигата, покрај традиционалниот Макаби од Тел Авив, ќе настапува уште еден израелски тим - Хапоел Тел Авив, кој обезбеди учество како шампион на Еврокупот.
Сепак, ниту еден од овие два клуба нема да може да ги игра домашните натпревари во своите сали, што создаде големи логистички проблеми за Евролигата и секако влијае на регуларноста на натпреварувањето.
За разлика од тоа, руските клубови се суспендирани поради војната во Украина, потсетува шпанската „Марка“. Досега не беше познато каде ќе ги играат своите натпревари израелските тимови, но највисоката европска кошаркарска организација овој четврток соопшти дека Макаби ќе продолжи да игра во Белград, како и претходните сезони, додека Хапоел ќе игра во Софија, а повремено и во бугарскиот град Самоков, каде што веќе настапуваше минатата сезона.
Израелските клубови разгледуваа и други опции, како Кипар, кој им е поблиску. Сепак, кипарските власти одбија да издадат дозвола поради безбедносните барања што ги подразбираат ваквите натпревари.
Во други случаи, одбивањето беше резултат на осуда на наводниот геноцид, што дополнително го отежна договарањето на пријателските натпревари на израелската репрезентација пред Евробаскетот.










