• Зоран Мишевски
Кошаркарите на Реал Мадрид во финалето на Фајнал-фор турнирот во Евролигата во литванскиот град Каунас со 79-78 го совлада Олимпијакос. За шпанскиот клуб ова е единаесетта титула шампион на Европа, а грчката екипа останува на три.
Во последниот напад Шпанците реализираа поени преку Серхио Љуљ, за радост кај соиграчите и навивачите на клубот.
„Кога тренерот ја нацрта акцијата за последниот напад, ми наложи да шутирам. За среќа добро се заврши. Ударот беше тежок, но од старт верувам дека ќе погодам. Плус секогаш ја имаме опцијата за скок на Таварес. Мустафа Фол беше еден метар од мене, имав простор и го искористив.
Можеби звучи нескромно, но очекувам уште многу години да играм за овој клуб“, рече херојот од Каунас.
Оваа титула е четврта за Љуљ, откако три освои со Ласо на клупата, а сега и со неговиот поранешен асистент, Чус Матео.