Литванскиот селектор: Победата над САД е најголемата во нашите животи

Кошаркарите на Литванија направија сензација и со победа над САД го презедоа првото место во групата. Литванскиот селектор не ја криеше среќата и по натпреварот беше одушевен за големиот тримф. Според зборовите на Казис Максвитис, ова е најголем триумф на Литванците во историјата. 

„Им кажав на момците во соблекувалната, ова беше најголема победа во нашите животи. Сепак, времето за уживање ни е кратко, мора да ги сочуваме емоциите и енергијата за наредните натпревари. Литванија е земја на кошарката, земја на одлични шутери. Имавме добар процент на шут, па кога тоа оди добро, го искористивме како свое оружје. 

Добро е што не почнавме да калкулираме и да бираме противник. Ќе се подготвиме за следниот ривал, бидејќи досега не сум ја гледал Србија ниту еднаш. Повеќе нема слаби противници, останаа најдобрите осум селекции на светот“, изјави Максвитис.

Во четвртфиналето Литванија оди на мегдан со Србија, па потоа победникот вкрстува со подобриот од пресметката меѓу Канада и Словенија.