Литванија осакатена на Мундобаскетот: Откажаа Буткевичиус, Григонас, Улановас...

Селекторот на репрезентацијата на Литванија, Казис Максвитис од недела во недела добива само лоши вести, бидејќи остана без играчи на кои сериозно сметаше за Мундобаскетот. Сега отпадна и крилниот кошаркар на Жалгирис, Арнас Буткевичиус, кој изврши операција на скочниот зглоб и мора да мирува шест недели.

„Буткевичиус почувствува болка во ногата за време на финалето на литванскиот плеј-оф. Последниот натпревар од серијата можеше да го одигра само со помош на лекови против болки. При операцијата е отстранета калцификацијата кај Ахиловата тетива“, пишува во соопштението на клубот од Каунас.

Максвитис не може да смета на Марус Григонис, Лукас Лекавичиус, Едгарас Улановас и Рокас Ѓедраитис, а голем знак прашалник е и настапот на Домантас Сабонис.

„Сите се надеваме дека Домантас ќе игра, но свесни сме дека шансите се значително помали од 50%. Се додека има шанса, ќе продолжиме да веруваме дека може да ни се придружи“, изјави неодамна Максвитис.

Литванија е носител во групата Д на Мундобаскетот во која се и Црна Гора, Египет и Мексико.