Литванија броеше до „сто“ против Словенија и оди на мегдан со Летонците

Кошаркарите на Литванија се радуваа на победа во битката за пласман на Светското првенство, над селекцијата на Словенија со 100-84. Пресметката во Пасау понуди нова одлична партија на четата на Максвитис, па сега Литванците одат на мегдан со Летонија за петтото место на Мундобаскетот. 

Во средбата се влезе со егал, екипите израмнето се надигруваа, а Литванија беше селекцијата која прва почна да гради предност. Во финишот на првата четвртина дојде и до двоцифрено водство (33-21). Словенците не се откажаа, парираа и се обидоа да се вратат, во првиот дел пријдоа најблизу на -4, но на одмор се замина пак со десет поени разлика (53-43). 

Нов силен налет Лука Дончиќ и другарите имаа на средината на третиот период. Тогаш словенечките кошаркари пријдоа на негатива од еден напад (57-55), меѓутоа Литванците одговорија со серија од 9-0 и пак ја вратија позитивата. Последниот период беше нерамноправен, Словенија сериозно заостана и најмногу губеше со 23 поени разлика. 

Најдобар поентер на средбата беше Лука Дончиќ кој собра 29 поени. Кај Литванците пак, Валанчиунас со „дабл-дабл“ од 24 поени и 12 скока го водеше тимот до победата.