• Саше Љолес

Вишото јавно обвинителство на Србија ја одбило кривичната пријава против играчот на Партизан, Матијас Лесор, а истата беше поднесена од КК Црвена Звезда поради физичкиот напад на Филип Петрушев. Петрушев во текот на вчерашниот ден даде и изјава пред полицијата и обвинителите, но денес доаѓа информацијата дека Јавното обвинителство на Србија соопштило дека „нема основа за отворање случај против Лесор“.
Официјалното соопштение на обвинителството децидно го разграничува членот од кривичниот законик, според кој е поднесена пријавата за „Насилно однесување на спортски настан или манифестација од спортски карактер“.
„Сметаме дека според долгогодишната судска пракса, овие случаи не се гонат по службена должност, затоа што лица кои се инволвирани по статут и се задолжителни или дозволени учесници на настан од спортска природа, не можат да бидат извршители на ова кривично дело. Личната пријава за физички напад е сосема друга процедура“, стои во соопштението на Вишото јавно обвинителство.
Матијас Лесор во овој случај нема да биде повикан на исказ пред обвинител и целата ситуација се очекува да биде разрешена многу бргу. Не е уште позната одлуката на дисциплинската комисија на АБА-лигата. Најверојатно, Лесор ќе добие парична казна, а му се заканува и суспензија од неколку мечеви во регионалното натпреварување.