• Мартин Танасковски
Во ноќта меѓу саботата и неделата беа одиграни неколку возбудливи натпревари во НБА, а вниманието го привлече драматичната победа на ЛА Клиперс над Мемфис Гризлис со 123-120.
Тимот од Лос Анџелес успеа да дојде до важна победа во борбата за позициите кои водат во плеј-ин фазата на сезоната. Мемфис играше без својата прва ѕвезда Џа Морант, но и покрај тоа имаше одличен почеток на натпреварот. Гризлис во втората четвртина стигнаа до водство од 19 поени, најмногу благодарение на одличниот шут за три поени и дури десет погодени тројки во првата четвртина.
Сепак, како што напредуваше натпреварот, Клиперси постепено ја намалуваа разликата. Клучна фигура беше Каваи Ленард, кој одигра одличен натпревар и го предводеше тимот во пресвртот. Ленард мечот го заврши со 28 поени. Голем придонес дадоа и Матурин со 21 поен и 10 скокови, како и Гарланд со 21 поен, четири скока и шест асистенции. Кај Мемфис најефикасен беше Џером со 23 поени и седум асистенции, а Хендрикс постигна 18 поени.
Во друг натпревар, Оклахома Сити Тандер ја совлада екипата на Голден Стејт Вориорс со 104-97. Актуелниот шампион продолжува со одличните резултати и ја забележа 49. победа во сезоната, задржувајќи предност во однос на изненадувањето на сезоната, Сан Антонио Спарс. Лидер на Тандерс повторно беше Шеј Гилџес-Александер кој се наоѓа во одлична форма и важи за главен кандидат за МВП наградата. Тој натпреварот го заврши со 27 поени и по пет скокови и асистенции. Кај Вориорс се врати Порзингис по пауза од шест натпревари и на својот втор меч во новиот тим запиша девет поени, пет скокови и пет асистенции. Најефикасен кај гостите беше Гуи Сантош со 22 поени и 11 скокови.
До важна победа стигна и Милвоки Бакс, кои со 113-99 ја совладаа екипата на Јута Џез. Тимот од Висконсин ја прекина серијата од четири порази и останува во трка за позициите кои водат во плеј-ин фазата. Најдобар кај Бакс беше Јанис Адетокумбо со 27 поени, девет скокови и осум асистенции. Кај Јута најефикасен беше Кионте Џорџ со 22 поени.
Изненадување на вечерта приреди екипата на Атланта Хокс, која пред своите навивачи славеше против Филаделфија 76ерс со 125-116. Гостите имаа одличен почеток и постигнаа 38 поени во првата четвртина, но не успеаја да го задржат водството. Ситуацијата дополнително се искомплицира кога најдобриот играч на Филаделфија, Тајрис Макси, се повреди по судир со соиграчот Адем Бона. И покрај тоа, Макси натпреварот го заврши со 31 поен и пет асистенции. Кај Атланта блескаше Џејлен Џонсон со 35 поени, 10 скокови и седум асистенции.











