Ленард по наградата МВП: Коби направи многу за мене, ова е за него

Каваи Ленард беше најефикасен играч на „Ол Стар“ дуелот меѓу Тим Јанис и Тим Леброн, кој заврши со триумф на „кралот“, додека играчот на Клиперси го водеше победничкиот тим со 30 поени, седум скокови и четири асистенции. 

Воедно, Ленард стана и првиот играч кој ја добил МВП наградата на „Ол Стар“ дуелот, која од оваа година го носи името Коби Брајант. 

„Ми значи многу што сум првиот кој го добива овој трофеј, со името на Коби Брајант. Не можам да објаснам со зборови како се чувствувам. Сакам да му се заблагодарам на Коби за сè што направи за мене, за сите долги разговори и заеднички тренинзи. Му благодарам многу, ова е за него“, изјави Каваи.

Овој викенд во Чикаго беше искористен да се оддаде чест на трагично загинатиот легендарен кошаркар, а тоа беше изразено во повеќе сегменти.