ВИДЕО: Ленард и Џорџ имаа лек за „воините“, Филаделфија продолжи со победничко темпо

Клиперс

Пол Џорџ се врати во екипата на Лос Анџелес Клиперс која запиша победа во дербито против Голден Стејт Вориорс (101-108). Гостите ја искористија тивката вечер на Стеф Кари кој постигна само 13 поени. Никој посебно не се истакна и кај победничкиот тим, за кој најдобар стрелец беше Каваи Ленард со 21 поен.

Најдобриот тим на стартот од НБА сезоната, Филаделфија 76ерс, стигна до скор 7-1 со триумфот над Вашингтон Визардс (141-136). Џоел Ембид одигра фантастичен натпревар на кој постигна 38 поени, но прва ѕвезда на теренот беше Бредли Бил кој го израмни личниот рекорд и учествуваше во поразот со 60 поени.

Продолжи кошмарниот старт на сезоната за шампионот од пред две години Торонто Репторс кој веќе има шест порази. Последниот пристигна од гостувањето кај Феникс Санс (123-115) кој за две четвртини го одлучи прашањето на победникот. Седум кошаркари на Санси запишаа двоцифрен учинок, а меѓу нив најефикасен беше Девин Букер со 24 поени.

Клучни поени за победа постигна Причард кој во последната секунда го израдува Бостон Селтикс на мечот со Мајами Хит (105-107). Во претпоследната акција тројка за израмнување погоди Горан Драгиќ. Се чинеше дека ќе има продолжение, но гостинскиот кошаркар собра еден отпадок и го сруши вицепрвакот од минатата сезона.

Шутерска екплозија за Шарлот Хорнетс имаше Гордон Хејворд кој со 44 поени ја сруши Атланта Хокс (94-102). Солидни 25 поени запиша Јанис Антетокумбо на дуелот кој Милвоки без проблеми го доби Детроит (130-115), а Џулиус Рендл продолжи да игра одлично (30) и беше прво име во победата на Њујорк против Јута (112-100).