ВИДЕО: Лејкерси загубија по три продолженија, нов пораз на Денвер без Јокиќ

Кошаркарите на Лос Анџелес Лејкерс и Сакраменто Кингс го одиграа највозбудливиот натпревар од синоќешната програма на НБА лигата. Во „Стејпс Центарот“ голема победа извојува гостинскиот тим, кој со 141 постигнат поен по продолженијата го скрши отпорот на „езерџиите“ и ја впиша својата осма овосезонска победа во кошаркарската елита во Соединетите Американски Држави (137-141).

Стартот на дуелот не најавуваше ваква ефикасност, затоа што двете екипи првата делница ја завршија со по само дваесет поени, а ништо поефикасни не беа ниту во вториот квартал (23-23). По паузата актерите како да се ослободија од притисокот и заиграа далеку поангажирано, а тоа донесе и поголема неизвесност и продолженија (100-100). Во дополнителните минути Сакраменто дури по третото продолжение најде начин како да го неутрализира противникот и на крај славеше заслужена победа од четири поени разлика (137-141).

Фокс со 34 поени беше прв стрелец на паркетот, додека во редовите на Лејкерси најпрецизен беше Леброн со 30 поени, а Вестбрук запиша 29 поени, 10 скока и 11 асистенции.

Екипата на Денвер Нагетс продолжува со катастрофалната серија во НБА лигата и го забележа својот шести пораз во низа. Никола Јокиќ четврти натпревар беше надвор од стројот на тимот, па неговите соиграчи немаа решение за расположениот Милвоки Бакс, кој славеше со убедливи 109-120.

Грчкиот ас Јанис Антетокоумпо со 24 поени, 13 скока и 7 асистенции беше предводник на Милвоки во оваа победа, а кај поразениот тим се истакнаа Гордон со 18 и Бартон со 17 поени.