• Горан Упале

Оклахома Сити Тандер не дозволи никаква драма на отворањето на полуфиналето на Западната конференција во плеј-офот на НБА лигата. Актуелниот шампион рутински го одбрани својот домашен терен и поведе со 1-0 против Лос Анџелес Лејкерс во серијата, откако во „Пајк Центарот“ славеше со 108-90.
На хартија, можеби изгледа како убедлива победа за фаворитот, но Оклахома стигна до таму на малку поинаков начин од очекуваното. Лејкерси успеаја да го сопрат Шеј Гилџес-Александер, но проблемот за гостите беше што речиси сите други во ротацијата на Тандерси најдоа начин да ги казнат.
Холмгрен го заврши натпреварот со 24 поени и 12 скока, Мичел додаде 18 поени и 4 асистенции, додека Шеј исто така постигна 18 поени со 6 асистенции.
Кај Лејкерси, Леброн беше фантастичен со 27 поени, 6 асистенции и 4 скока, Руи Хачимура додаде 18, додека Остин Ривс целосно потфрли со само 8 поени. Голем проблем за Лос Анџелес беше клупата. Резервите на Оклахома постигнаа 34 поени, додека втората постава на Лејкерси постигна само 15 поени.
На истокот екипата на Детроит Пистон исто така го искористи домашниот терен и со убедливи 111-101 славеше во првото полуфинално соочување со Кливленд Кавалирс. Кејд Канингем со 23 поени и седум асистенции беше најрасположен кај победничкиот тим, а одличен беше и Харис со 20 поени. Кај Кливленд 23 поени постигна Мичел, а еден поени помалку постигна Харден.





