ВИДЕО: Лејкерси го решија и Мајами, залуден блесок на Дончиќ, Јокиќ херој на Денвер

Леброн

Екипата во најдобра форма во НБА лигата е Лос Анџелес Лејкерс, која изминатата вечер стигна до седмата победа во низа. На домашен терен беше совладан одличниот оваа сезона Мајами (95-80) во уште еден натпревар на кој блесна Леброн Џејмс. Првата ѕвезда на „езерџиите“ постигна 25 поени, а еден поен повеќе од него запиша Ентони Дејвис. 

Рекордни достигнувања остварија Дејмиан Лилард во поразот на Портланд против Бруклин (115-119) и Де'Анџело Расел во неуспехот на Голден Стејт на гости кај Минесота (125-119). Плејмејкерот на Трејл Блејзерси броеше до за него рекордни во кариерата 60 поени, но неговата индивидуална игра не му помогна на тимот да оствари победа.

Новото засилување на „воините“, пак, исто така запиша рекорд во кариерата со 52 поени зад своето име.

Супер интересен меч се одигра во Колорадо, каде Денвер во завршницата стигна до триумф против Филаделфија (100-97). Долго време Сиксерси имаа водство, кое го испуштија во завршницата. Никола Јокиќ ги погоди поените за победа, а потоа извлече и фаул во напад од Џоел Ембид, со кој го осигура позитивниот резултат.

Јута го издржа нападот на Милвоки и Јанис за минимална победа пред своите гледачи во Солт Лејк Сити (103-100). Хрватот Богдан Богдановиќ имаше одлична шутерска вечер, особено во третата четвртина. На крај заврши со 33 поени и беше најзаслужен за конечниот резултат во корист на „џезерите“.

Залуден блесок имаше Лука Дончиќ, кој ниту со „трипл-дабл“ учинокот не донесе славје на Далас Маверикс против Њујорк Никс (102-106). Словенецот стигна до 38 поени, 14 скока и десет асистенции и продолжи со фантастичните изданија оваа сезона.

Незадржлив беше и Паскал Сиакам во убедливата победа на Торонто кај Њу Орлеанс (104-122). Камерунскиот интернационалец стигна до 44 поени и собра десет скока.

Во останатите натпревари, Кливленд го изненади Вашингтон (100-113), Орландо беше подобар од Мемфис (118-86), Индијана го доби источното дерби против Детроит (112-106), а Сакраменто славенички ја напушти Атланта (109-122).