Лејкерси го испратија Ејтон во Вашингтон, во Лос Анџелес пристигнува Харди

Лос Анџелес Лејкерси продолжува со реконструкцијата на тимот за новата сезона, а најнов потег е разделбата со центарот Деандре Ејтон, кој кариерата ќе ја продолжи во Вашингтон Визардс.

Според информациите на НБА-инсајдерот Шамс Чаранија, во спротивна насока заминува бекот Џејден Харди, а Лејкерси дополнително ќе добијат и два избора од втората рунда на НБА-драфтот во 2031 и 2032 година.

Ејтон минатото лето пристигна во Лос Анџелес по разделбата со Портланд Трејлблејзерс и беше стандарден стартер во текот на целата сезона. Центарот од Бахамите одигра 72 натпревари во регуларниот дел од сезоната и настапи на сите десет меча во плеј-офот, но не успеа целосно да ги оправда очекувањата.

Од друга страна, Џејден Харди ќе добие нова можност во редовите на Лејкерси, каде ќе се обиде да избори поголема улога, додека клубот доби и дополнителен драфт-капитал кој може да биде значаен за идните потези на франшизата.