ВИДЕО: Лејкерс одигра моќно и го разби Мајами во првото НБА-финале!

Лос Анџелес Лејкерс убедливо славеше над Мајами Хит (116-98) и го зададе првиот удар во финалната НБА-серија која се игра во Дизниленд, Орландо. „Езерџиите“ одиграа доминантно и заслужено дојдоа до предност од 1-0 на отворањето.

  • Извештај од натпреварот:

Мајами даваше отпор нешто околу една четвртина, а потоа „жешките“ се распаднаа, пред се затоа што останаа десеткувани поради повреди на главните играчи. Лос Анџелес Лејкерс на стартот го немаше Леброн Џејмс на поентерски план, ама затоа тука беа Ентони Дејвис и Калдвел Поуп да ја изградат потребната разлика која подоцна донесе триумф. Доколку се суди според стартот, Лејкерси се зрели да дојдат до вкупно 17-тата НБА-титула, или прва по 2010 година.

Избраниците на Ерик Споелстра дадоа отпор во воведните 12 минути, кога покажаа одлична тимска игра. Батлер беше двигател на теренот, а Леброн Џејмс беше добро затворен и во шест минути му беше дозволено да шутне еднаш. Мајами така изгради предност од 10-18, но Лејкерси го покажаа полниот квалитет, па преку Дејвис и Калдвел Поуп се вратија во мечот и направија пресврт (31-28). Двајцата дадоа 22 од вкупно 31 поен на „езерџиите“ во првиот период.

Резултатот беше во егал до 41-43, а потоа почна доминацијата на Лејкерс. Мајами направи многу грешки во нападите, имаше загубени топки и промашуваше отворени шутеви, па следеа поени на Каруцо, Дејвис, Грин и Морис, за прва двоцифрена предност на тимот од „градот на ангелите“ (43-54). До крајот на првиот дел Леброн се разбуди, Лејкерси продолжија со доминацијата и на пауза заминаа со +17 (65-48), а во продолжението од натпреварот разликата константно растеше. Голем плус за Лос Анџелес Лејкерс беше шутот за три, дадоа дури 11 тројки, а исто така им ја олесни работата и повредата на Џими Батлер.

Ниту паузата не му помогна на Мајами, затоа што фаворитот за НБА-прстенот блескаше во третиот квартал. Одбраната беше на ниво, Лејкерс прими само 19 поени и со ефикасен напад пред влезот во последниот четврти период се обезбеди залиха од +26 (93-67), доволна за посакувана победа. Највисоката позитива на мечот која ја имаше Лос Анџелес Лејкерс беше 32 поени (87-55), во средината на третиот период. Исто така, Мајами остана и без Адебајо и Драгич кои се пожалија на болки во рамото, односно стапалото.

Најдобар поентер кај Лејкерси беше Ентони Дејвис со 34 поени, 9 скока и 5 асистенции, а го следеше Леброн Џејмс кој имаше „дабл-дабл“ од 25 поени и 13 скока, плус девет асистенции. Во финалната серија Џејмс даде две тројки, со кои изби на второто место на вечната листа по број на постигнати тројки во НБА-финалињата. Кај Мајами, Џими Батлер заврши со 23 поени, Нан имаше 18 поени, а Хиро финишира со 14 поени.

Следниот меч од финалната серија во НБА-лигата е закажан на 3 октомври од 3:00 часот.