Легендата се враќа дома: Илиевски по 20 години ќе заигра во Струмица

Македонската кошаркарска легенда, Владо Илиевски, по 20 години повторно ќе се врати дома. Некогашниот репрезентативец со најтрофејниот македонски кошаркарски колектив Работнички во рамки на Првата лига ќе гостува кај Струмица, а за човекот кој е познат по зборовите „Леле луѓе, што направивме“, ова ќе биде прв меч пред домашната публика по дводецениска пауза.

Илиевски, кој беше член на репрезентацијата која го оствари најголемиот успех во историјата на мак-кошарката, својата богата кошаркарска кариера ја почна во 1996 година токму во салата „Парк“, каде го носеше дресот на Неметали огражден, тим кој денес веќе не постои. Сега, во таа сала се натпреварува екипата на Струмица, а за Илиевски сигурно ќе биде голем мотив да се игра пред „своите“ кои сигурно ќе го пречекаат со френтечен аплауз. 

По настапот за струмичкиот тим Илиевски замина во САД каде што настапуваше на средношколско ниво, а потоа во белградски Партизан чиј член беше од 1998 до 2000 година. Потоа беше дел од екипите на турски Антбирлик (2000-2001), словенечка Унион Олимпија (2001-2003, 2008-2009 и 2009-2011), шпански Барселона (2003-2005) и Тау Керамика (2009), италијански Лотоматика (2005-2006), Виртус Болоња (2006-2007), Монтепаски (2007-2008) и Орландина (2015-2016), како и турски Анадолу Ефес (2011), руски Локомотив Краснодар (2012), хрватски Цедевита (2012-2013) и Цибона (2014-2015) и чешки Нимбурк (2013-2014).

Тимот на Работнички кадешто е сега, за Илиевски е втор македонски клуб во кариерата. Плејмејкерот кој има 36 години имаше одлично деби во новата средина, затоа што на првиот натпревар против Куманово кој заврши со резултат 89-52 постигна 12 поени, без ниту едно промашување (3/3 за два, 1/1 за три, 3/3 од слободни фрлања). Натпреварот меѓу Струмица и Работнички се игра в сабота (26 ноември) од 18.30 часот.