• Иван Димовски

Легендарниот НБА кошаркар Крис Бош откри дека и по завршувањето на кариерата продолжува да води тешка битка со здравствените проблеми, па дури и бил на чекор до смртта. Бош откри дека во јануари повторно доживеал белодробна емболија и поминал една седмица во болница.
„Во јануари имав нова епизода. Практично бев на чекор до смртта, но успеав да се извлечам. Не се шегувам. Повторно доживеав белодробна емболија и поминав една недела во болница. Ми рекоа да го земам лекот и тоа го правам секој ден. Се грижам за себе и редовно ја следам состојбата. Немам никакви симптоми, но морам да живеам со тоа. Мислев дека сè е зад мене, но не е. Затоа морам да продолжам со истиот режим“, изјави легендарниот кошаркар.
Двократниот НБА шампион мораше предвреме да ја заврши кариерата на само 32 години поради проблеми со згрутчување на крвта. Иако се обидуваше да се врати на паркетот, лекарите не му дозволија повторно да игра професионална кошарка. Бош мина седум сезони во Торонто, а во 2010 година се пресели во Мајами, каде што освои две шампионски титули во НБА и стана еден од најдобрите крилни центри во својата генерација.