Легендарниот Рубио се врати во клубот каде започна неговата блескава кариера

Шпанскиот плејмејкер Рики Рубио официјално се врати во редовите на Хувентуд од Бадалона, клубот каде што ја започна својата професионална кариера пред речиси две децении.

Рубио дебитираше за Хувентуд во 2005 година на само 14 години, поставувајќи рекорди и најавувајќи голема кариера. Таму настапуваше до 2009 година, кога се пресели во Барселона, со која подоцна ја освои и Евролигата.

Неговиот успех во Европа му ги отвори вратите кон НБА-лигата, каде настапуваше за Минесота Тимбервулвс, Јута Џез, Феникс Санс и Кливленд Кавалирс. Во 2024 година повторно се врати во Барселона, но сега, во нова фаза од својата кариера, реши да се врати таму каде што сè започна – во Хувентуд.

Враќањето на Рубио во Бадалона е голема вест за шпанската кошарка, бидејќи станува збор за играч со огромно искуство и авторитет, кој би можел да одигра клучна улога не само на теренот туку и во развојот на младите таленти во клубот.

ФОТО: Club Joventut Badalona / X