Легендарниот Милош Теодосиќ доби раководна функција во Црвена Звезда

Легендарниот српски кошаркар, Милош Теодосиќ, официјално е назначен за нов спортски директор на белградскиот гигант, Црвена звезда.

Само една година по завршувањето на богатата играчка кариера, поранешниот капитен на српската репрезентација се враќа во Црвена Звезда, но овој пат во раководна улога. Од него се очекува да има клучно влијание во креирањето на спортската политика, составувањето на тимот и долгорочната стратегија на клубот.

Теодосиќ важи за еден од најголемите српски кошаркари во последните две децении. Во кариерата настапуваше за ФМП, Олимпијакос, ЦСКА Москва, Лос Анџелес Клиперс, Виртус Болоња и Црвена звезда, а со репрезентацијата на Србија освои бројни медали на големите натпреварувања.

Неговото доаѓање во управата се гледа како важен чекор во амбициите на клубот за дополнително зајакнување на организацијата и враќање на врвот на регионалната и европската кошарка.

Раководството на „црвено-белите“ верува дека огромното искуство, авторитетот и контактите што Теодосиќ ги стекна во текот на кариерата ќе бидат од голема корист во периодот што следува.

За Теодосиќ ова ќе биде прва функционерска улога по завршувањето на играчката кариера, а пред него веднаш ќе биде задачата да го подготви тимот за новата сезона и настапите во Евролигата.