Легендарниот Де Коло потврди: Време е за крај на авантурата!

Легендарниот француски кошаркар, Нандо Де Коло, најави крај на богатата кариера, откривајќи дека долго време размислувал за овој потег, но решил дека сега е вистинскиот момент. 

Де Коло веќе изјавуваше дека совршен крај на кариерата би бил ако ја освои титулата од Евролигата со Фенербахче, но сега потврди дека тоа не било пресудно во конечната одлука. 

„Реков дека би било совршено ако ја освоиме титулата во елитата, но тоа не е пресудно за повлекувањето. И да не бидеме шампиони, ќе заминам во спортска пензија.

Сега е вистински момент, одлуката не е избрзана, долго размислував за ова. Време е за крај на оваа долга авантура“, рече Французинот. 

38-годишниот Де Коло важи за еден од најдобрите играчи на својата генерација. Има две евролигашки титули со ЦСКА Москва, а во кариерата играше уште за Шоле, Валенсија, Сан Антонио Спарс, Торонто Репторс, ЦСКА Москва, Асвел и Фенербахче.