Леброн третпат во Кливленд? „Вратата за враќање е отворена...“

Леброн Џејмс веќе е на одмор, откако Лос Анџелес Лејкерс беше елиминиран уште во првото коло од плеј-офот на НБА лигата.  По завршувањето на сезоната за „кралот“ медиумите одново започнаа дискусија за една од „вечните“ теми во НБА - што е следно за Леброн Џејмс? Новинарите Џејсон Смит и Мајк Хармон зборуваа за ова на радиото „Фокс Спортс“.

„Што се однесува до Леброн... Што му останува?! Може да игра уште една сезона, а потоа да си оди дома. Направи сè што можеше со Лејкерси, сè што можеше за да се дистанцира од другите“, рече Мајк Хармон.

Леброн Џејмс влезе во НБА лигата во 2003 година како прв избор на драфтот и беше избран од Кливленд. Тој остана со тимот од неговиот роден Охајо до 2010 година, кога ги скрши срцата на своите фанови и се пресели во Мајами Хит.

Сепак, Леброн се врати во Кливленд во 2014 година, а две години подоцна ја донесе првата титула во историјата на франшизата. Дали е време за второ враќање и трет престој со Кавалирси?

„Вратата е отворена за Леброн да ја заврши кариерата во Кливленд. Може да ја заврши точно како што сака и да освои уште една титула. Малку е отуѓен во Лејкерси, сега тоа е тимот на Лука Дончиќ“, рече Џејсон Смит.

Леброн Џејмс се смета за еден од најголемите кошаркари на сите времиња. Тој е најдобриот стрелец во историјата на НБА, четирикратен шампион и четирикратен МВП. Сезоната 2025/26 ќе биде втора во двегодишен договор со Лејкерси вреден 104 милиони долари, кој Леброн го потпиша минатото лето.