ВИДЕО: Леброн трагичар во новиот пораз на Лејкерси, Јута со тројки го „наполни“ Шарлот

Вашингтон Визардс ја запиша петтата побеа во низа на гостувањето кај шампионот Лос Анџелес Лејкерс (124-127). Дуото Бил и Вестбрук беа подобри од Леброн Џејмс, кој беше фантастичен, но промаши клучно слободно фрлање и на крај беше трагичар на мечот.

Победникот беше одлучен по продолжението во кое гостите беа за нијанса подобри. Бил запиша 33, Вестбрук заврши со 32 поени, а Леброн беше на еден скок од „трипл-дабл“ со 31 поени, 13 асистенции и девет скока.

Најдобриот тим во лигата Јута Џез немаше проблеми во дуелот со Шарлот (132-110). Откако добија јавни критики, Донован Мичел и Руди Гобер играат на високо ниво и докажуваат дека заслужуваат да бидат спомнати меѓу најголемите ѕвезди. Вечерашниот натпревар „џезерите“ го решија во своја полза, правејќи огромна разлика во последниот квартал.

Далас Маверикс одигра одлично прво полувреме и си обезбеди доволна залиха за триумф над Мемфис (102-92). Дончиќ беше тивок со 21 поени и седум скока.

Екипата на Феникс Санс продолжи во победнички ритам со убедливото издание против Портланд (132-110). Девин Букер постигна 34 поени и беше лидер на тимот, кој не можеше да смета многу на учинокот на ветеранот Крис Пол, кој запиша два поени и девет асистенции.

Чикаго беше убедлив на гостувањето кај Хјустон (100-120), а Мајами ја освои Оклахома Сити (94-108).