ВИДЕО: Леброн се врати со 39 поени и ја сруши Индијана!

Леброн

Леброн Џејмс се врати по суспензијата и постигна рекордни оваа сезона 39 поени во победата по продолжение на Лос Анџелес Лејкерс кај Индијана Пејсерс (116-124). Најдобриот кошаркар на „езерџиите“ како да сакаше да одговори на критиките и со две клучни тројки во финишот од мечот ги растажи фановите во Индијанаполис. Расел Вестбрук беше втор стрелец кај гостите со 20 поени.

Најдобриот тим на Западот, Голден Стејт Вориорс, продолжи со успеси и на свој терен беше подобар од Филаделфија 76ерс (116-96). Ова беше уште едно убедливо издание за кошаркарите на Стив Кер, кои наскоро ќе добијат помош од Клеј Томпсон. „Воините“ се наметнуваат како први фаворити за титулата, според прикажаното во тековната сезона. Стеф Кари го заврши овој меч со 25 поени и десет асистенции.

Победничката низа на Феникс Санс продолжи кај Кливленд Кавалирс (115-120). Домаќинот одигра солиден меч, но немаше одговор за расположениот Девин Букер, кој заврши со 35 поени. Гостинскиот тим направи пресврт во вториот дел и стигна до 14 последователни триумфи.

Големото дерби во Бостон им припадна на избраниците на Стив Неш. Бруклин славеше во „ТД Гарден“ со 104-123, благодарение на Пети Милс, кој постигна 23 поени. Зад него беа Кевин Дурант со 21 и Џејмс Харден со 20 поени. 

Шампионот Милвоки Бакс немаше проблеми против Детроит Пистонс (114-93). Сите периоди завршија во полза на бранителот на титулата, кој беше предводен од Јанис Антетокумбо и неговите 33 поени.

Гостински победи запишаа уште Торонто, Орландо, Јута и Атланта, а домашниот терен го искористија Њу Орлеанс, Хјустон, Минесота и Сакраменто.