ВИДЕО: Леброн против Јокиќ, крај на сезоната за Голден Стејт

Лос Анџелес Лејкерс извојува голема победа на гости кај Њу Орлеанс Пеликанс со 106-110, и со тоа си обезбеди плеј-оф во НБА лигата, а прв ривал ќе му биде второпласираниот тим на Западот, Денвер Нагетс. Сакраменто беше подобар од Голден Стејт, па со Њу Орлеанс ќе игра за последното место во плеј-офот.

Можеби исходот од овој натпревар ќе беше поинаков доколку главниот играч на Пеликанси Зион Вилијамсон беше на паркетот на крајот од мечот. Тој се пожали на болка во ногата на три минути до крајот кога резултатот беше 95-95. Тој отиде во соблекувалната и повеќе не се врати. Дотогаш, Зион имаше дури 40 поени во својот прв елиминационен натпревар во кариерата.

Леброн Џејмс беше предводникот на Лејкерси. Тој го заврши натпреварот со 23 поени, Дејвис имаше 20 поени со 15 скока, а Расел постигна 21 поен со пет тројки. Кај Пеликанси, Треј Марфи запиша 12 поени.

Сакраменто на домашен терен го победи Голден Стејт со 118-94, одмаздувајќи му се за поразот на Вориорси во седмиот натпревар од плеј-оф серијата минатата сезона. Голден Стејт не беше ниту сенка на тимот кој изгради династија во периодот од 2015 до 2022 година. Клеј Томпсон беше надвор од својот ритам, бидејќи ги промаши сите десет негови удари од поле, додека Стеф Кари постигна само 22 поени. 

Сакраменто ќе игра против Њу Орлеанс за осмата позиција во Западот и за серија со Оклахома. Харисон Барнс постигна 17 поени, а Домантас Сабонис 16 поени со 12 скока.