Леброн пак доби прашање за иднината: Не знам, ќе земам време да размислам...

Леброн Џејмс повторно зборуваше за можно пензионирање, откако по елиминацијата на Лос Анџелес Лејкерс призна дека не знае дали ќе ја продолжи кариерата. Лејкерси беа поразени од Оклахома Сити Тандер со 115-110, а по натпреварот искусниот кошаркар беше прашан за својата иднина.

„Што се однесува до иднината, искрено, не знам. Сè уште сум под импресии од поразот и не знам што ме чека. Ќе си земам време да се соберам, да ја анализирам сезоната и да видам што е најдобро за мојата иднина. Кога ќе дојдам до одлука, сите ќе знаат“, изјави Џејмс.

Американецот зборуваше и за улогата која ја имаше сезонава во тимот.

„Бев ставен во позиции во кои никогаш претходно не сум бил. Никогаш во животот не сум бил трета опција. Фактот што успеав да се снајдам во таа улога, а потоа повторно да се вратам на улогата на која сум навикнат цела кариера, беше навистина посебно за мене“, додаде Леброн.

И покрај тоа што има 41 година, Џејмс и натаму игра на високо ниво. Во сезоната имаше просек од 20.9 поени, 6.1 скок и 7.2 асистенции по натпревар.