ВИДЕО: Леброн и на 36 години руши несекојдневни рекорди, Јокиќ пак прв стрелец на Денвер

Екипата на Лос Анџелес Лејкерс можеби не така убедливо како што се очекуваше, но сепак заслужено запиша нова победа на своето конто во НБА лигата, откако по продолженијата го скрши отпорот на разиграната Оклахома Сити Тандерс со 119-112 (110-110).

Шампионот долго време бркаше негатива, а во еден период губеше и со 11 поени разлика, но во клучните моменти на сцена стапи Леброн Џејмс кој со фантастичен период испиша историја и најпрво донесе продолжение, а потоа и победа на својата екипа. Кошаркарскиот „крал“ мечот со Тандерси го заврши со 28 поени, 14 скока и 12 асистенции, скор доволен за нов несекојдневен рекорд – прв кошаркар во историјата кој со над 35 години во една сезона забележа девет „трипл-дабл“ учиноци. Претходно, најуспешен на ова поле беше легендарниот Џејсон Кид.

Фантастична партија ноќва одигра и Никола Јокиќ. Српскиот центар продолжува да одушевува на американскиот паркет, но неговиот тим впиша нов пораз, трет во низа. Овој пат подобар од Денвер беше тимот на Милвоки Бакс, кој на крај славеше со 112-125.

Јокиќ беше најпрецизен на натпреварот со 35 поени и 12 скока, а веднаш зад него беше грчкиот центар Јанис со 30 поени и 9 скока. 

На останатите натпревари Хјустон забележа тежок пораз од Шарлот (119-94), Вашингтон го среди Чикаго (101-105), Далас минимално славеше над Минесота (127-122), а значајна победа извојува и Сан Антонио над Голден Стејт со 105-100.