ВИДЕО: Леброн ги уништи Спарси, Џорџ со звукот на сирената донесе победа за Оклахома

Леброн Џејмс Сан Антонио

Четвртата победа во низа за Лос Анџелес Лејкерс пристигна вчера, кога Сан Антонио гостуваше во „Стејплс Центар“ (121-113). Леброн Џејмс беше расположен за игра и клучен во завршните моменти од мечот. Тој постигна 42 поени и беше најзаслужен за одличното издание на „езерџиите“ пред своите гледачи против тимот на Грег Попович, кој игра непрепознатливо оваа сезона.

Еден од најнеизвесните натпревари се одигра во Бруклин, на кој домашната екипа немаше среќа и загуби во последните секунди oд Оклахома со 112-114. Виновник беше феноменалниот Пол Џорџ, кој ги постигна поените за победа и зад своето име запиша вкупно 47 поени и 15 скока. Одличен беше и Расел Вестбрук, кој со новиот „трипл-дабл“ се искачи на третото место на вечната листа, надминувајќи го Џејсон Кид. Со 108 вакви учиноци, плејмејкерот на Оклахома Сити стои на 30 од Меџик Џонсон и 73 зад лидерот Оскар Робертсон.

Најдобриот тим на Истокот, Торонто Репторс, продолжи во победнички ритам и на домашен терен ја совлада Филаделфија, директниот противник за челната позиција во конференцијата (113-102). Каваи Ленард уште еднаш покажа дека е еден од најдобрите кошаркари во лигата и со 36 поени и девет скока и помогна на својата екипа да го сруши незгодниот ривал. Кај гостите, Џими Батлер имаше солидна вечер со 38 поени и десет скока.

Во репризата од НБА финалето во претходните четири сезони, Голден Стејт си поигра на теренот на Кливленд (105-129), предводен од 42 поени на Стеф Кари. Тивка ноќ со 25 поени и десет скока имаше Кевин Дурант.

Во останатите натпревари, Мемфис ја надигра екипата на ЛА Клиперс со 96-86, Денвер по продолжението славеше над Орландо со 118-124, Вашингтон ја оправда фаворитската улога против Атланта, Милвоки го среди Детроит со 117-131, а Минесота беше убедлива во дуелот со Шарлот со 121-104.