ВИДЕО: Леброн, Дејвис и Хауард броеја до 65, Лејкерси го „прегазија“ Шарлот!

По поразот во градското дерби на отворањето на сезоната на НБА лигата, кошаркарите на Лос Анџелес Лејкерс ја запишаа втората победа во низа во најквалитетнтото кошаркарско натпреварување на светот. 

Во „Стејплс Центарот“ падна екипата на Шарлот, која беше совладана со 19 поени разлика (120-101), а клучен период за овој успех беше последната четвртина, во која „езерџиите“ блеснаа и ја добија со 33-21. 

На паркетот во Лос Анџелес фантастична беше новата ударна тројка на домашниот тим, предводена од Леброн Џејмс, Ентони Дејвис и Двајт Хауард. Тројцата броеја до 65 поени, а најмногу даде Дејвис (29), Леброн застана на 20, додека искусниот центар постигна 16 поени. Во поразениот табор Бриџис запиша 23 поени.

Тимот на Далас Маверикс за првпат оваа сезона ја вкуси горчината на поразот во НБА лигата, откако пред својата публика немаше сили за надигрување со Портланд и загуби со минимални 119-121. 

Лука Дончиќ повторно беше неверојатен и за само една асистенција не запиша нов „трипл-дабл“. Мечот го заврши со 29 поени, 12 скока и девет асистенции, додека прв поентер кај Далас беше Порзингис со 32 поени. Кај победничката екипа се истакнаа МеКалум со 35 и Лилард со 28 поени.

На последниот натпревар до синоќешната програма на НБА лигата, Минестота Тимбервулвс извојува сигурна победа над Мајами Хит со 116-109.