Ларкин и Мициќ постигнаа 66 поени, Ефес намали во финалната серија

Европскиот првак Анадолу Ефес остана во живот во финалната серија на турскиот плеј-оф и намали на 2-1 во серијата против Фенербахче на Саша Ѓорѓевиќ. Откако Фенер ги доби првите два натпревари на домашен терен, попладнево во „Абди Ипекчи“, „пиварите“ славеа со 103-92.

Тренерот Атаман пак можеше да смета на Србинот Мициќ и токму тој, заедно со Шејн Ларкин одиграа незаборавно шутерско шоу, на кое Фенер не можеше да парира. Во победата од 103-92, Ларкин вгради 37, а Мициќ 29 поени. Пјериа со 21 и Гудуриќ со 14 поени беа најефикасни во поразениот табор.

Во натпревар со неверојатно голем број на поени за едно финале, двете екипи феноменално шутираа за три поени. Со дури седумнаесет тројки Анадолу Ефес излезе како победник и верува дека може да се врати во серијата и да ја одбрани титулата.

Следниот четврти натпревар се игра пак во „Абди Ипекчи“ за три дена.