Ларенцакис доби нов договор со европскиот вицешампион

Екипата на Олимпијакос официјално објави дека ја продолжува соработката со својот искусен плејмејкер, Јанулис Ларенцакис. Грчкиот репрезентативец имаше уште една година од актуелниот договор, но управата на атинскиот тим реши да му понуди нова соработка. 

29-годишниот Ларенцакис стави потпис на нов тригодишен договор со грчкиот гигант, а навивачите се задоволни од потегот на управата. Минатата сезона бек-шутерот во Евролигата оствари просек од 6,4 поени, 1.8 асистенции и 1,3 скока, а вкупно настапи на 41 натпревар во елитното друштво. Тој просечно минуваше по 14 минути на паркетот и може да се каже дека неговиот учинок беше сосема задоволителен. 

Кошаркарот во голема мера му помогна на Олимпијакос да стигне до двојната круна во Грција, како и за пласманот на завршниот турнир во Евролигата, каде тимот од Пиреја во драматично финале загуби од Реал Мадрид. 

Јанулис Ларенцакис ја започна кариерата во Егалео, а потоа играше уште за Икарос Калитеас, Арис од Солун, АЕК Атина, Мурсија од Шпанија и Олимпијакос. Тој се најде и на списокот на селекторот Димитрис Итудис и ќе настапи за Грција на претстојното Светско првенство на ФИБА.