Квалитетен плејмејкер со НБА искуство ја засили шпанската Барселона

Кошаркарскиот клуб Барселона денеска официјално го потврди ангажманот на Џастин Робинсон. Американскиот плејмејкер потпиша двегодишен договор со каталонскиот гигант, а минатата сезона ја мина во дресот на Париз Баскет

Во својата прва сезона во Евролигата, Робинсон одигра 36 натпревари и во просек бележеше 14,6 поени и 4,5 асистенции по натпревар.

Тој беше прогласен за МВП на 37. коло, откако го предводеше Париз до убедлива победа над Макаби Тел Авив со 113:80. На тој натпревар постигна 25 поени и запиша шест асистенции, со индекс на корисност 35 за помалку од 19 минути поминати на паркетот.

Робинсон настапуваше за колеџот Вирџинија Тек, а професионалната кариера ја започна во НБА лигата со Вашингтон Визардс. Во најсилната кошаркарска лига во светот настапуваше и за Оклахома, Милвоки, Сакраменто и Детроит.