Куманово со многу мака во финишот го „преплива“ Црн Дрим

Екипата на Куманово го одигра заостанатиот натпревар од 18. коло и славеше на гости кај Црн Дрим (81-83), бодови со кои тимот скокна меѓу најдобрите осум екипи во мак-баскетот и речиси сигурно ќе разигрува за титулата на домашната сцена.

Големиот фаворит на хартија се намачи против тимот со најслабиот скор во шампионатот, а за победата трепереше до самиот финиш. Иако во еден момент Куманово водеше со „плус десет“ (43-53), тоа не беше гаранција дека ќе триумфира во Струга, а кам-бекот домашниот тим го направи кога од 66-76, влезе во серија и дојде на 76-79.

На 30 секунди пред крајот на семафорот во салата „Тими“ стоеше 79-81 за Куманово, а откако Ливингстон загуби топка, Црн Дрим имаше напад за нерешено, ама Стаменковиќ промаши. Гостинот остана присебен, Ливингстон со „двојка“ потоа се поправи за претходната грешка, па се беше решено околу победникот.

Џекиќ натпреварот за Куманово го заврши со 20 поени и 11 скока, пред Марковски со 15 поени, а капитенот Андрејевиќ имаше 12 поени. Кај Црн Дрим најмногу се истакна Пантиќ со 26 поени пред Соколовиќ со 20 поени и 11 асистенции, а „дабл-дабл“ имаше и Стаменковиќ со 13 поени и 12 скока.

Куманово така ја прекина серијата порази и скокна на шестото место на табелата. Во следниот заостанат меч, тимот игра со МЗТ Скопје. Црн Дрим е фенерџија, има една победа по 20 меча и е домаќин на Работнички.