Куманово со фуриозна последна четвртина го „скрши“ Тиквеш!

Кошаркарите на Куманово по два последователни порази ја забележаа шестата победа во Суперлигата на Македонија, откако дома триумфираа против Тиквеш со 94-77 во средбата од деветтото коло. 

Пред овој меч тимот од Куманово загуби на три од последните четири средби, а тоа му се единствените порази сезонава. Сепак, со моќна партија против кавадарчани се вратија на победничките патеки.

  • Комплетниот натпревар меѓу Куманово и Тиквеш:

Средбата во Куманово тргна израмнето и се играше егал во првата четвртина, а домашните први поведоа нешто поубедливо со „плус седум“. На првата пауза се замина со 24-19, за потоа Тиквеш да отвори одлично и со серија од 0-10 да направи пресврт (24-29). Кавадарчани играа подобро во вториот период, но не успеаја да се одлепат и пред полувремето домашните поведоа минимално (43-42). 

Третата четвртина беше пак израмнета, екипите се менуваа во водството, а пред финишот Куманово врза мини-серија со која стекна предност. Иако на отворањето на последната четвртина беше 66-66, домаќинот успеа да се наметне и почна да гради предност. Последен пат беше нерешено при 71-71, а оттогаш до крајот кумановци направија серија од 23-6 за убедлива победа. 

Немања Николиќ со 29 поени и Урош Николиќ со 27 го предводеа домашниот тим до победата, додека кај гостите се истакна Дис со 14.