Куманово си поигра со непоразениот Академик, одлична партија за Марковски

По два порази во низа, екипата на Куманово запиша победа во БИБЛ лигата на домашен терен против Академик Бултекс (86-71) во 5. коло од тековната сезона.

Бугарскиот претставник го запиша првиот неуспех, по серија од шест победи. Денес кумановчани изненадувачки доминантно го добија противникот, кој важи за една од најнезгодните екипи во лигата.

Домаќинот започна ефикасно, но не и многу добро во одбрана. Меѓутоа тоа се промени во втората четвртина. Куманово заигра подобро под својот обрач и му дозволи на гостинот да постигне само 11 поени. Тоа донесе убава предност за македонската екипа на полувреме од натпреварот (53-31).

Нијанса полоша игра домашните кошаркари прикажаа на стартот од вториот дел. Но, ниту тоа не ги спречи да влезат во завршницата од мечот со двоцифрена предност. Гостите се откажаа во последните неколку минути, кога само го доиграа во мечот, во обид да избегнат потежок пораз. Марковски со 27 поени беше најзаслужен за победата на домашната екипа, а кај Академик се истакнаТитков со 16 поени.

За пет дена, Куманово ќе одигра уште еден натпревар во БИБЛ лигата, кога ќе му гостува на Ибар Розаје.