Куманово со рутински триумф над Берое ја затвори првата фаза во БИБЛ

Кошаркарите на Куманово со триумф ја затворија првата фаза во БИБЛ лигата, откако попладнево го совладаа Берое со 93-80. Македонскиот тим долго во мечот беше во резултатска контрола, па не дозволи изненадување и го потврди второто место во групата. 

Натпреварот започна изедначено, Берое парираше во првиот период, но пред крајот на истиот падна концентрацијата. Куманово почна да се одлепува и до полувремето дојде до двоцифрена предност (52-41). Гостинот пак се обиде да фати приклучок, ама пак немаше сили да го изненади сигурниот тим на Куманово. До крајот на мечот нашиот тим рутински ја одржа предноста околу двоцифрената граница и со триумф ги затвори настапите во групата. 

Берое го имаше најефикасниот играч на мечот Џејмс Гавин со 24 поени, додека 23 имаше Симеон Илиев, колку што уфрли и Бранислав Џекиќ од Куманово, а 22 имаше Ливингстон.

Во оваа конкуренција настапуваше и ТФТ Скопје, кој исто како кумановци обезбеди пласман во следната фаза. Тие вчера против Ибар Рожаје го потврдија четвртото место и двете македонски екипи уште ќе играат во БИБЛ лигата.