Куманово рутински против Пелистер, Вардар го демолира Шкупи

Во рамките на 17. коло на кошаркарската Суперлига, кошаркарите на Куманово на домашен терен славеа очекувана победа против Пелистер од 87-75 (50-28)

Почетокот на натпреварот им припадна на домаќините, кои веднаш се одлепија на +6 (12-6), а по првите десет минути имаа позитива од високи +10 (29-19) и уште тогаш ја најавија новата победа. Во продолжение Куманово одигра цврсто во одбраната, игра за која битолските кошаркари немаа одговор, па на одмор позитивата на кумановчани изнесуваше високи +22 (50-28).

Вториот дел „зелено-белите“ го започнаа фуриозно, константно ја топеа домашната предност и по поените на Билер, во 27. минута стигнаа до -7 (56-49). Куманово гостинската серија ја прекина со тројката на Ковач за нова двоцифрена предност (59-49). Таа до крајот беше рутински чувана за конечна победа од 87-75. Најефикасен кај кумановчани беше капитенот Мирко Коваќ со 29 поени, а на спротивната страна се истакна Габриел Билер со 23 поени.

Во дербито на дното на табелата, кошаркарите на Вардар го демолираа тимот на Шкупи и го совладаа со високи 118-59. „Црвено-црните“ високата победа ја најавија уште по првата четвртина (40-8), за да во продолжение само да ја зголемуваат позитивата, која достигна до максимални +68 (104-36). На крајот „црвено-црните“ славеа со двојно повеќе поени (118-59). Најефикасен кај Вардар беа Ивановиќ и Радош со по 18 поени, а кај поразениот Шкупи, Стојменов и Форд беа единствени двоцифрени со по 15 поени.