• Мартин Танасковски

МКК Куманово доби ново засилување за претстојните предизвици. Нов член на кумановскиот клуб е српскиот кошаркар Стефан Фундиќ, кој настапува на позициите крилен центар и центар.
Фундиќ е роден на 30 јуни 1994 година во Белград, висок е 200 сантиметри и тежи 105 килограми. Станува збор за искусен кошаркар кој зад себе има настапи во неколку европски првенства и богато клупско искуство.
Во досегашната кариера го носеше дресот на Беовук 72, Вршац, Мега Бемакс, Задар, Игокеа, Гисен 46ерс и Младост Земун, а последен клуб пред најавениот трансфер во Куманово му беше Борац Чачак, за кој настапуваше од 2025 година.
Во својата кариера Фундиќ има освоено неколку значајни трофеи. Со Игокеа беше шампион на Босна и Херцеговина во 2022 година, а со истиот клуб двапати го освои националниот куп, во 2021 и 2022 година. Во 2020 година, пак, триумфираше во Купот на Хрватска со Задар.








