Куманово моќно мина низ Чаир, Шкупи непрепознатлив

Во првиот меч од неделната програма на осмото коло од кошаркарскиот шампионат на Македонија, екипата на МКК Куманово, полесно од очекувањата, стигна до гостинска победа против Шкупи со 57-83.

  • Комплетниот натпревар меѓу Шкупи и Куманово:

МКК Куманово имаше високи +15 на полувремето. До водството момците на Докузовски дојдоа со одличен процент на реализација. Високата предност го одреди и редоследот на настаните по паузата од петнаесет минути. Луковиќ и Тадиќ се разиграа и спас за Шкупи немаше. Кумановчани не само што ја одбранија високата позитива, туку и ја зголемија, за четврти позитивен резултат во осум одиграни натпревари.

Четири играчи од стартните пет имаа десет или повеќе поени. 22 поени дојдоа од Луковиќ, кој освен тоа собра и 19 топки под двата коша и беше вистински „доминатор“ за противниците. Волер застана на 15 поени, по 11 имаа Тадиќ и Блажевски, 10 додаде Радукиќ.

Кај Шкупи, Трибл даде 14, Аранитовиќ имаше 11, а Арчи 10 поени.